Tuesday, July 5, 2022

причам ти причу

Еден ден на Тодорче  му дошол аскерот дома , на царската ќерка и се сонило дека кај Тодорче во куќата има закопано азно ,некој бисер украден од оној свет . Чунки таа мома што го носи ,се убаво ќе и се сони и ќе и се претскажува иднината . И така ,аскерот камен по камен ,копале ,кршеле ,му ја пеплосале куќата на Тодорче ,арно ама азно не нашле , нити бисер ,нити некое каменче .


Кога го видела царската ќерка Тодорче склупчен ,истепан ,и бездомник се сожалила и наредила да му се даде нешто за ова шо му го погрешивме.
Тодорче ја посакал фурната селска , и така таа стана негова . 


Не помина многу време ,Тодорче го научи занаетот ,та за тоа колку му е убав бурекот се прочу низ царштината . И ќерката на царот посака да го проба бурекот од Тодора ,па ја прати стражата царска . Народот кој беше собран пред фурната им го даде редот на царските луѓе и гледаа вчудоневидени. Кога царските луѓе зедоа се што Тодор беше спремил во мугрите ,селаните видоа не видоа се разотидоа по своите куќи. Арно ама по патот царската стража ја фати страшен дожд ,и молскавици од сите страни ги тераа коњите . 


Кога го виде бурекот сиот растурен ,царската ќерка веднаш нареди да му ја запалат фурната на Тодорче. Но Царските луѓе и кажаа за невремето и таа се нажали но им нареди следниот ден пак да донесат бурек од кај Тодорче ,чунки овојпат нема да ги фати дождот .


Народот кој беше собран пред фурната ,исплашени пак им го дадоа свото место на царската стража и тие со сиот бурек тргнаа кон царштината . Кога стигнаа кај ќерката на султанот ,таа веќе беше јадена ,а бурекот од долгиот пат и жешкото сонце исушен и тврд.
Таа го фрли на кучињата во царскиот двор ама и тие не го јадеа ,и лута нареди да се запали фурната на Тодорче. Царските луѓе послушно и луто ги впрегнаа коњите и тргнаа кон селото ..
Народот гладен ,жално гледаше како им гори убавата фурна .


 Тодорче од тој ден го фати болка и си отиде од селото да си го бара лекот ,ни јадеше ни спиеше.  Одеше ничкосан со денови додека не легна покрај патот ни жив ни умрен ,не можеше повеќе да зборува но можеше да се моли ,така еден еким кој врвеше по патот го забележа и кога го виде тоа чудо му се придружи во молитвата . Така Тодорче се излечи и од екимот научи за разни болештини ,за маките на луѓето и за нивните желби .


Еден ден се разболе царската ќерка ,ни јадеше ни пиеше ,никој не можеше да најде што и е . Кога за тоа чу Тодорче и самиот се упати кон Царштината ,оти царот и самиот нареди сите екими ,учени и недоучени да се соберат во неговиот двор ,за да си го спаси чедото.


Кога дојде на дворот ,таму сите јадеа и пиеја обилно , и се фрлаше храна оти некој не јадеа се што лета ,а Тодорче од дома си беше направил бурек оти си беше размислил дека долг е патот.
Кога ја виде ќерката на султанот не и се престави како еким , туку рече дека е селски учител и дека го праќаат од една далечна околија ,чунки народот таму оваа година остана гладен , она што се роди на полето го беше изел мразот ,или зела сушата ,па ја молат нејзината екселенција за добра среќа да дојде и да им ги благослови нивите . Ќерката на султанот се нажали над нивната несреќа и тргна со Тодорче на пат ,а Тодорче вака ја посоветува ..да насади по еден трендафил на меѓите од секоја нива кај селаните ,па тие ќе ја паметат и несреќата ќе бега од нивното село по мирисот .
Царската ќерка се согласи ,па така цел ден садеа трендафили , толку многу  засадија што  и потта на царската ќерка замириса на трендафил .
На зајдисонце веќе уморна на царската ќерка и се врати руменилото на лицето како на трендафил и посака да јаде и пие ,и да се одмори , а Тодорче го извади бурекот кој цел ден го носеше на сонцето ,исушен и тврд ,скрши половина од питата и и даде .

 Принцезата слатко се најаде и се напи вода од студениот кладенец па се врати дома жива и оздравена .

No comments:

Post a Comment